Во својата дебитантска сезона во Првата лига, екипата на МКК Куманово денеска стигна до првата победа во еден плејоф натпревар.
Жртва на кумановци беше финалистот во Купот на Македонија, Кожув кого на домашен терен го победија со 85-73. Натпреварот помина во тотална доминација на МКК Куманово кој ниеднаш не се најде во негатива, а највисоката предност што ја имаше, изнесуваше 26 разлика.
Многу работи беа познати по првата четвртина, МКК Куманово отвори со 18-4, водеше и со 30-13, а по десет минути игра, на семафорот стоеше 32-18. Кожув во вториот период успеа да се доближи на -9, но тоа беше се што направи бидејќи до крајот на натпреварот, разликата постојано беше двоцифрена, без шанси, победата на домаќините да биде оспорена на некаков начин.
Тадиќ и Радукиќ беа нерешлива енигма за Кожув и заедно постигнаа повеќе од половината поени за МКК Куманово. Тадиќ реализира 24, а Радукиќ 23 поени со 7 скока и 5 асистенции. Стевановиќ со 27 поени беше прво име во редовите на Кожув.


