Екипата на ТФТ поведе со 1-0 во плејоф серијата со Чаир откако вечерва во Кале славеше со 85-68.
Одлучи фантастичниот старт бидејќи по воведните 2-0 и 4-2 за Чаир, домаќините брзо се прегрупираа и до крајот на првата четвртина веќе водеа со 23-9. По тројките на Ташовски и Сапунџиев на стартот на вториот период, ТФТ веќе водеше со 20 поени разлика (29-9), па Чаир до крајот, не само што не успеа да ја загрози победата на противниот, туку и не се симна на едноцифрена негатива.
Зек Браун одигра еден од своите најдобри натпревари сезонава, постигнувајќи 21 поени и 9 скока, а уште четворица кошаркари на ТФТ имаа двоцифрен ефект. Кај Чаир, Ролинс беше најефикасен со 18 поени.


