Поранешниот шампион на Македонија, Тиквеш оствари убедлива победа на стартот од плејаут лигата и веќе може да се радува на опстанокот во елитната конкуренција.
На домашен терен, кавадарчани убедливо го победија Вардар, со 91-65 и до крајот им треба уште еден триумф за и математички да се спсат од испаѓање. Денеска им требаше едно полувреме да се загреат, но ја добија третата четвртина со 31-11 и на тој начин го скршија отпорот на противникот.
Глигоријевиќ со 19 поени и 10 скока беше најдобар играч на Тиквеш, додека капитенот на Вардар, Бајрам заврши како прв стрелец на натпреварот со 21 поен.
Многу поинтересно беше во Гостивар каде домашниот тим дури во финишот го скрши отпорот на Шкупи и дојде до исклучително важна победа со 81-78. Вториот патник во понизок ранг ќе се бара од овие две екипи, а засега Гостивар е во предност, пред се поради одличниот Ѓорѓевиќ кој постигна 25 поени и 18 скока.


