Томица Главчев од денеска е нов претседател на Кошаркарската федерација на Македонија откако ја доби довербата на Вонредното изборно собрание.
Познатиот бизнисмен не е ново лице во македонската кошарка, напротив, долго време е во неа, како функционер, спонзор и сопственик на клуб. По изгласаната доверба, тој се обрати на делегатите и ја сподели својата визија за тоа како би требало да функционира Федерацијата во иднина.
„Јас не бев вклучен од стартот во оваа иницијатива која е отпочната одамна. Луѓето кои ја истуркаа ќе бидат дел од мојот тим. Посебно сакам да го поздравам Младен Ѓуроски кој ги презеде сите работи околу ова Собрание. Во изминатите денови имавме повеќе состаноци со членови од присутните делегати, односно со поголем дел од нив. Имавме отворени разговори, практични за моите идеи и размислувања. Мојот општ впечаток е дека наидовме на разбирање и размислување во кој правец ќе треба да ги тераме. Се договоривме дека ако оваа работа успее, да се сконцентрираме прво на крајот на сезоната, а потоа да делуваме.
Главен приоритет ќе биде посета на сите градови во кои ќе се игра кошарка, па дури и оние места кои сака да се игра кошарка. Не би сакал да се изненадите ако инсистирам на тие состаноци да бидат луѓето од локалната самоуправа, затоа што во сите клубови се и шефовите на градовите. Мора да ги чуеме и нив, дали ќе одиме заедно во некоја насока, или ќе имаме различни правци, што не би било убаво“ рече Главчев.
Тој истакна десет главни точки во рамки на неговата кандидатура кои ќе му бидат водич за работа во наредните четири години, колку што е претседателскиот мандат. Меѓу другото, побара поддршка и понуди соработка за сите кои се инволвирани во кошарката и кои сакаат да помогнат.


