По 45 минути игра, Кожув го победи МКК Куманово со 90-86 и намали на 1-2 во четвртфиналната серија.
Натпреварот беше исклучително драматичен и неизвесен, а МКК Куманово испушти шанса вечерва да ја заврши работата и да обезбеди пласман во полуфиналето. На три минути пред крајот на основвниот дел, гостинскиот тим имаше +4 (74-70), но дозволи Кожув да се избори за продолжение.
Во дополнителните пет минути, предноста беше уште повисока и изнесуваше +5 (84-79), ама гевгеличани потоа постигнаа шест поени по ред и дојдоа до водство. Петровиќ за момент го врати МКК Куманово во позитива, но Пилепиќ погоди тројка, а потоа Вилсон стави точка на мечот.
Својот најдобар натпревар сезонава го одигра репрезентативецот Теодор Симиќ кој постигна 24 поени, исто колку и Вилсон кој додаде уште 13 асистенции и осум скока. Луковиќ и Радукиќ со дабл дабл го предводеа МКК Куманово, но тоа не беше доволно за уште еден триумф.


