Во својата дебитанска сезона, екипата на МКК Куманово ќе игра во полуфиналето од плејофот откако денеска по трет пат го победи Кожув.
Во вториот меч во Гевгелија, четврти во серијата, МКК Куманово славеше со 82-67 за конечни 3-1 и пресметка со шампионот МЗТ Скопје во полуфиналето. Иако гостите го диктираа темпото во најголемиот дел од натпреварот, конечниот удар го зададоа во последната четвртина која ја добија со 21-11.
МКК Куманово почна одлично, отвори со 7-0, но Кожув врати со осум поени по ред за на крајот од првата четвртина да биде 22-21 за домашниот тим. Така беше до средината на вториот период, а потоа гостинските кошаркари ја почнаа својата доминација. Со серијата од 9-0 отидоа на двоцифрена предност (38-27), а Кожув се закани дури пред крајот на третата четвртина кога се доближи на 56-61. Сепак, кумановци не се исплашија, направија 10-2 и поведоа со 13 поени разлика кои не ги испуштија до крајот на мечот.
Тандемот Луковиќ-Радукиќ беше најзаслужен за триумфот на МКК Куманово, првиот постигна 25 поени и 13 скока, а вториот беше блиску до трипл дабл со 13 поени, 9 скока и 8 асистенции. Вилсон го предводеше Кожув со 17 поени, 8 скока и 6 асистенции, но за гевгеличани денеска завршува сезоната во која играа финале од Купот на Македонија.


