Сите натпреварувања во македонската кошарка до крајот на оваа сезона ќе се одржуваат без проблеми откако денеска се исплатени сите долгови кон официјалните лица.
Новото раководство на Кошаркарската федерација тоа го направи на својот втор работен ден и спречи да дојде до нов штрајк, како што тоа беше случај минатиот месец.
„Кошаркарската Федерација денеска ја комплетираше исплатата на официјалните лица на кошаркарски натпревари, судии и делегати, во рамки на сите натпреварувања организирани од КФМ.
Воедно, Кошаркарската Федерација сака да им се заблагодари на сите инволвирани за трпението и се надева дека во иднина нема да бидеме сведоци на вакви непријатни ситуации“, објави Федерацијата.
Како што е познато, во април дојде до прекин во сите натпреварувања во организација на КФМ поради заостанати долгови кон судиите и делегатите уште од февруари. Паузата траеше две недели и поради тоа доцнеше стартот на плејофот во Првата лига мажи и жени.


