Вечерва официјално завршува ќетвртфиналната фаза од плејофот во Првата македонска кошаркарска лига со „мајсторката“ од серијата меѓу Работнички и Пелистер.
При резултат 2-2, петтиот натпревар се игра од 19 часот во Кисела Вода, а победникот ќе оди на мегдан со ТФТ кој уште минатата недела обезбеди пласман во полуфиналето со триумфот против Чаир од 3-0. Работнички и Пелистер досега беа сигурни на домашен терен и единствениот тесен меч беше првиот, што се одигра во Скопје, а кој му припадна на 15-кратниот шампион со 67-64.
Во Битола, Пелистер славеше со 24 и 18 поени разлика, а сето тоа дојде откако управата направи смена на тренерската позиција и место Ненад Трајковиќ го постави Дејан Илиевски. Тимот што ќе победи вечерва, го продолжува својот пат кон шампионската титула, но оној што ќе загуби, сезоната може да ја прогласи за тотален неуспех бидејќи немаше добри резултати ни во АБА 2, ни во Купот на Македонија, а во првенството, својот пат ќе го заврши уште на стартот од плејофот.
Денеска се играат и натпреварите од петтото коло во плејаутот. Шкупи го пречекува Вардар и очекува помош од Тиквеш во борбата за опстанок.
РАСПОРЕД НА НАТПРЕВАРИТЕ
ПЛЕЈОФ
Работнички – Пелистер 19:00
ПЛЕЈАУТ
Шкупи – Вардар 17:00
Гостивар – Тиквеш 18:00


