Можеби немаше да има голема штета и ако промашеше бидејќи ќе се играше продолжение, но Андреј Шошкиќ погоди тројка и стави крај на бурната серија меѓу Работнички и Пелистер, во четвртфиналето од македонскиот кошаркарски плејоф.
Тимот од Градски парк мораше за краток период да го организира последниот напад, а тренерот Горан Самарџиев тврди дека Шошкиќ бил негов избор за последниот шут.
„Немавме многу време, знаевме дека ни е дозволен најмногу еден дриблинг и шут бидејќи останаа околу четири секунди до крајот. Стојан Ѓуроски поради пет лични грешки не беше во игра, а тој е наш најдобар шутер, па моравме да бараме алтернатива. Точно знаев дека Шошкиќ треба да го изведе тој шут, на тајмаутот ја нацртав акцијата за него, а тој уште еднаш покажа дека е фантастичен играч.
Морам да кажам дека е штета што уште во четвртфиналето требаше да играме со Пелистер кој е најдобро организиран клуб во земјава и сигурно заслужува да се бори за титулата како што тоа беше случај претходните три сезони. Битолскиот тим поседува голем квалитет и сметам дека ќе беше подобро за навивачите и љубителите на кошарката да се сретнеме евентуално во полуфиналето или финалето.
На крајот, им благодарам на најверните навивачи кои ни дадоа поддршка кога беше најтешко и имаат голем придонес за победата. Играме со ТФТ кој е исто така квалитетен тим и ќе се обидеме да му се одмаздиме за двата пораза во првенството“, рече тренерот на Работнички.
ТФТ формално ќе ја има предноста на домашниот терен во полуфиналето, но своите натпревари ги игра во Кале каде Работнички ги играше своите натпревари во првиот дел од сезоната.


