Вардар е познат по работата со младите кошаркари и години наназад е еден од најголемите производители на играчи во земјава, а со тоа и освојувач на трофеи во младинските конкуренции.
И покрај тоа што испаѓа од Првата лига, поранешниот освојувач на Купот на Македонија и оваа сезона промовира неколку тинејџери во првиот тим. Дел од нив ја искористија шансата, а дел и идната натпреварувачка кампања, во Втората лига ќе имаат што да кажат.
На вчерашниот натпревар против Шкупи, поголема минутажа доби 16-годишниот Дамјан Данев кој максимално го искористи просторот за игра и беше најефикасен кај Вардар со 16 поени што е негов рекорд во сениорска конкуренција. Додаде и осум скока, но вниманието го привлече со атрактивното забивање преку американскиот кошаркар во редовите на Шкупи, Јусуф Мохамед, еден од најатрактивните потези во Првата лига оваа сезона.
Данев минатата година беше член на кадетската репрезентација на Македонија која настапи на Европското првенство Б-дивизија во Скопје, а ако успее да ги искористи потенцијалот, физичките предиспозиции и висината (202 сантиметри), може во иднина да биде и сениорски репрезентативец.


