МЗТ Скопје поведе со 1-0 во полуфиналната серија од македонскиот плејоф откако вечерва на домашен терен го совлада МКК Куманово со 81-64.
Иако се очекуваше голема борба, победникот беше решен уште во првата четвртина во која шампионот водеше со 26-10, а конечниот резултат и не е вистински одраз на она што се случуваше на теренот. МЗТ Скопје доминираше во секој поглед, а на средина од третиот период имаше безмалку двојно повеќе поени од противникот (64-33) и тоа беше негово највисоко водство.
Дури во финишот, кога Васко Атанасов одлучи да го повлече од игра главните играчи и да ги уфрли младите сили, МКК Куманово успеа да се избори за пристоен пораз со кој, сепак, не може да биде задоволен.
Капитенот на МЗТ Скопје, Дамјан Стојановски имаше шутерско шоу, од седум обиди за тројка погоди шест и со 18 поени беше најефикасен играч на натпреварот. Петровиќ со 15 поени го предводеше тимот на МКК Куманово.


