По три сезони во низа во кои играше во финалето од плејофот, Пелистер во оваа натпреварувачка кампања својот пат го заврши во четвртфиналето каде доживеа елиминација од Работнички со 2-3.
И покрај високите амбиции со кои ја почнаа сезоната, битолчани не го освоија посакуваниот трофеј, а првпат во својата историја настапуваа во четири натпреварувања. Беа сменети тројца тренери, Пелистер во Купот стигна до полуфиналето, а во АБА 2 не успеа да ја помине групата. Сето тоа придонесе за незадоволство во клубот кој денеска направи рекапитулација на она што се случуваше претходните осум месеци.
„Оваа натпреварувачка 2024/25 заврши за КК Пелистер, резултатски не заврши онака како што посакувавме.
По три финалиња во низа во плејофот и едно во Купот на Македонија, оваа сезона бевме запрени во четвртфиналето од Работнички, во нашиот најдобар меч сезонава во кој еден шут пресуди наместо во полуфиналето, предвреме да го завршиме настапот во плејофот.
Разочарувањето е големо затоа што и амбициите со кои влеговме во оваа сезона беа огромни. Посакувавме да донесеме прв трофеј во кошаркарска Битола, за клубот да продолжи да чекори напред резултатски, како што тоа го прави и на организациски план.
За жал, резултатите на терен изостанаа, без оглед на големата поддршка што ја чувствувавме од спортска Битола, за време на нашите домашни натпревари, но и севкупно со атмосферата што беше создавана во градот во изминатите десетина месеци, во која кошаркарите се чувствуваа дел од големото ‘зелено-бело’ семејство.
Токму оваа врска што ја чувствуваме со Битола и со „Чкембари“ ја прави уште поголема нашата желба, да се вратиме уште подобри и да сториме се за да го оствариме сонот за кошаркарски трофеј во Пелистер.
Поставивме клуб на здрави темели, како ниту еден друг во мак-баскетот и не се сомневаме дека резултатите ќе дојдат. Лекцијата од оваа сезона е научена, грешките нема да бидат повторени, а со квалитет на терен и врвна поддршка од трибини каква што имаме од битолчани, имаме право да веруваме – дека следната сезона ќе биде сезона на КК Пелистер.
Се гледаме на стартот на 2025/26, со многу повеќе причини за радост за спортска Битола…
Со почит,
КК Пелистер“, објави се уште актуелниот вицешампион на Македонија.
Без разлика на резултатите оваа сезона, Пелистер е меѓу најпочитуваните и најпосакувани клубови за работа за тренерите и играчите во Македонија за што зборуваат и изјавите на директните актери во домашната кошарка.


