МЗТ Скопје ја продолжи доминацијата во македонската клупска кошарка откако вечерва ја освои 12. шампионска титула во домашното првенство, сите во последните 14 сезони.
Во четвртиот меч од финалната серија, тимот од Аеродром како гостин го совлада ТФТ со 77-53 и со вкупно 3-1 ставија точка на овој плејоф и на сезоната. ТФТ може да биде горд на сето она што го постигна во оваа натпреварувачка кампања, го оствари најголемиот успех во првенството со тоа што стигна до финалето, ама остана на освоениот Куп од пред три години.
МЗТ очигледно ја научи лекцијата од третиот меч, не дозволи противникот да направи висока предност на почетокот, туку, напротив, ја презеде иницијативата од почетокот и до крајот го диктираа темпото. Веќе во седмата шампионот имаше двоцифрена предност (17-6), на крајот од првиот период беше 23-11, а на средина од вториот период ги достигна највисоките +24 (37-15). ТФТ успеа да се соземе во третата четвртина, неколку пати се доближи на -10, но не и да ја загрози победата и во исто време шампионската титула.
Војдан Стојановски со 17 поени беше најефикасен на мечот, Едвин постигна 15, а Крстевски и Дамјан Стојановски по 11. По 11 поени имаа најдобрите стрелци во тимот на ТФТ, Гринли и Зафиров.


