Македонската кошаркарска репрезентација в понеделник ќе ги почне подготовките за претквалификацискиот дуел против Кипар, но ќе се комплетира на еден меч пред натпреварот.
Натурализираниот Мозес Рајт ќе ѝ се стави на располагање на селекцијата на Жосеп Марија Берокал во среда, откако претходно ќе ги заврши клупските обврски со Олимпија Милано. Американскиот центар со македонски пасош во вторник го очекува европски предизвик, со Олимпија Милано че гостува кај Асвел во Франција, во натпревар од 14. коло во Евролигата, закажан за 20:45 часот.
Веднаш по завршувањето на клупските обврски, Рајт ќе се насочи кон националниот тим и подготовките за важниот натпревар со Кипар. Неполни 48 часа подоцна тој ќе го облече дресот на македонската репрезентација и ќе биде еден од најголемите адути на нашиот тим.
Неговото присуство ќе биде особено важно за Македонија, со оглед на квалитетот и физичката доминација што ги носи под кошевите. Рајт веќе покажа дека може да биде големо засилување за националниот тим, дебитирајќи со 12 поени во победата над Австрија во Виена. Дека се наоѓа во одлична форма потврди и во последниот евролигашки настап. Во победата на Милано над Фенербахче (78-70), Рајт беше фантастичен со 22 поени и 11 скока.
Македонија го пречекува Кипар на 26 ноември, од 18 часот, во салата „Лазар Лечиќ“ во Скопје. По победата над Австрија во првиот натпревар од втората рунда претквалификации, нов триумф би бил огромен чекор кон посакуваниот пласман во следната фаза од квалификациите за Евробаскетот 2029.
Рајт и во Виена најави дека сака повторно да биде дел од репрезентацијата, а сега македонската публика ќе има можност првпат на дело да го види во црвено-жолтиот дрес.


