МЗТ Скопје денеска ја освои својата 12. шампионска титула, продолжувајќи ја доминацијата во македонската кошарка.
Последните три сезони, тимот од Аеродром ги прибра сите можни трофеи во земјава, а последен кој успеа накратко да ја прекине неговата хегемонија е ТФТ во Купот на Македонија во 2022 година. Лани ги освои сите три пехари, исто како и оваа сезона во која доживеа само еден пораз во плејофот.
Од пред две години, на клупата е 31-годишниот Васко Атанасов кој го запиша своето место во историјата на клубот од Аеродром. Преклани стана најмлад освојувач на шампионската титула во македонското првенство, пред неколку месеци стана најтрофеен тренер во историјата на МЗТ Скопје, а од денеска е единствен со три освоени шампионски титули како тренер на клубот од Аеродром.
Досега го делеше првото место со два трофеја, заедно со словенечкиот стручњак Алеш Пипан кој триумфираше во 2013 и 2015 година, а двајцата имаат многу слични приказни поврзани со МЗТ. Пипан го водеше тимот од Аеродром цела сезона 2012/13, а потоа беше вратен во 2015 година како петти тренер на „штрковите“, во финишот од таа натпреварувачка кампања која ја почна Змаго Сагадин и по него следуваа Стефанов, Митев и Јончевски. Атанасов лани го презеде тимот во плејофот, а потоа раководството му ја даде довербата да остане на тренерската позиција и оваа сезона во која МЗТ Скопје ја освои тројната круна.
Останатите трофеи на МЗТ Скопје ги освоија: Александар Тодоров, Зоран Мартич, Александар Јончевски, Анте Назор, Ѓорѓи Кочов, Дарко Радуловиќ и Александар Петровиќ.


