На свечена церемонија, утре 22 спортисти ќе добијат национално признание за врвни спортски достигнувања од Владата на Република Македонија.
Меѓу нив се две македонски кошаркарски легенди и поранешни претседатели на Кошаркарската федерација, Петар Наумоски и Перо Антиќ. Тие се единствени македонски кошаркари со титули во меѓународните натпреварувања, конкретно Купот на европските шампиони, односно Евролигата, што беше основен критериум за добивање на националното признание. Наумоски има два трофеја од поранешниот КЕШ, освоени со Југопластика, а Антиќ има три во Евролигата од кои два со Олимпијакос и една со Фенербахче.
Добитниците ќе добијат плакета и месечен паричен надоместок во износ од половина до една и пол просечна плата во земјата, согласно законските одредби. Средствата се обезбедуваат од државниот буџет и се исплаќаат преку Министерството за спорт, а деталите за доделувањето и висината на надоместокот ги уредува Владата со посебна уредба.


