Актуелниот вицешампион на Македонија, ТФТ го пријави своето учество во АБА 2 лигата на што имаше право како финалист во домашното првенство.
Тоа ќе биде трето учество на клубот од Тафталиџе во регионалното натпреварување, а доаѓа по пауза од една сезона откако претходно таму играше во 2022/23 и 2023/24 година. Нов момент во овој поглед е тоа што при последното учество на ТФТ во АБА 2 се играше во „балони“, во меѓувреме тој систем отиде во историјата, па сега тимот ќе може да ги пречека во Скопје своите ривали. Апликацијата официјално е испратена во АБА и ТФТ ќе има можност да настапува како редовен учесник, без да плаќа специјална покана.
„Официјално е потврдено нашето учество во АБА, а иако имавме желба да се пријавиме и во квалификациите за Лигата на шампионите на ФИБА, се откажавме поради краткиот рок за апликација кој истекува денеска. Останува можноста и идејата да се пријавиме во ФИБА Европа купот каде имаме време до 24 јуни.
Согласно учеството во меѓународните натпреварувања, а водени од успехот од оваа сезона, целите за идната натпреварувачка кампања се повторување на резултатите на домашна сцена, со надеж и желба за напредок, особено во Купот на Македонија. Веќе сме во фаза на формирање на ростерот за идната сезона, идејата е да се задржи костурот на тимот и евентуално да се надгради со квалитетно засилување“, изјави за КОШ.МК, тренерот на ТФТ, Боро Смилковски.
Кога станува збор за ростерот, потврдени се осуммина кошаркари кои го носеа дресот на ТФТ и во неодамна завршената сезона. Сигурни се Никола Василевски, Тома Стојаноски, Страхил Николов, Едис Нури, Иван Наумоски, Дерин Говенс, Дејвид Хотон и Зек Браун. Хотон имаше намера да ја заврши кариерата, но по неколкунеделни разговори, одлучи да игра уште една сезона, додека Браун ќе паузира долго време, веројатно до крајот на годината и би бил подготвен за вториот дел од кампањата. Пред продолжување на соработката со ТФТ се и Виктор Ташовски и Георги Зафиров со кои се договорени детали и само треба да се стават на хартија.
За разлика од претходните години, сега нема да има промени во стручниот штаб на ТФТ, тренер останува Смилковски, помошниците се исти, а не се менува ни раководството на клубот.


