Новиот селектор на македонската репрезентација Марјан Илиевски е свесен дека го очекува тешка работа на функцијата.
Националниот тим немаше добри резултати во претходниот период, а дополнителен проблем е тајмингот во кој се играат натпреварите од претквалификациите за Светското првенство што ќе биде прва задача за Илиевски. Голем дел од кошаркарите во август се на одмор, но најважно е тоа што подготовките треба да почнат во јули.
„Му благодарам на раководството на Кошаркарската федерација за честа да бидам на оваа позиција на која сум сега. Им благодарам и на моите соработници за поддршката и очекувам максимален ангажман од нив.
Неблагодарно е да зборувам за моменталната состојба, сега ќе правиме планови за иднината. Треба сите заедно да се вклучиме во работата на репрезентацијата, како ние, така и клубовите и медиумите. Потребно е да разговараме за кошарката и репрезентацијата за тоа како би се движеле во иднина за да ја подобриме ситуацијата во нашиот спорт. Не е прифатливо за мене да дојдеме до опструкции од клубовите бидејќи тие се неоходен дел од оваа операција.
Стартната позиција на која се наоѓаме е тоа дека дел од главните играчи нема да можат да бидат присутни во августовскиот циклус. Сепак, сакам да разговарам уште еднаш со нив и да ги поставиме работите на своето место. Дури тогаш ќе знаеме со каков ростер ќе располагаме. Ако ги немаме главните играчи, периодот за почеток на подготвки (10 јули) е многу доцна, особено ако се подмладува репрезентацијата. Ни од натурализираните играчи немаме потврда, за Шортс уште трае сезоната. Тоа значи дека во моментов не знаеме каков тим ќе имаме, а со тоа и какви ни се амбициите“, рече Илиевски.
Андреј Јакимовски кој треба да биде еден од носителите во оваа репрезентација, како што реше Илиевски, го најави своето присуство, но најверојатно нешто подоцна ќе се приклучи на подготовките.


