По само една сезона во која се игра две групни фази, АБА 2 лигата ќе доживее нова промена во својот формат на натпреварување.
Како што најави КОШ.МК минатата недела, во новата сезона ќе се игра како во фудбалската Лига на шампиони, односно натпреварувањата на УЕФА. Повторно ќе учествуваат 16 екипи кои при ждрепката ќе бидат поделени во четири шешири и секој тим за ривали ќе добие осум различни екипи со кои ќе се сретне само еднаш со тоа што по четири пати ќе игра на домашен и гостински терен. Сите екипи се рангирани на една табела и најдобрите осум продолжуваат понатаму, во плејофот. Тоа значи дека се загарантирани осум, место ланските шест натпревари.
Екипите од иста држава не можат да играат меѓу себе во лигашкиот дел, но можен е исклучок од ова правило, ако една земја има четири претставници. Натпреварите од АБА 2 ќе се играат во вторник и среда, за разлика од минатата сезона кога се играа и во четврток, а се со цел да се заштитат домашните, односно националните првенства.
Од Македонија засега сигурни учесници во АБА 2 се МЗТ Скопје и ТФТ, а МКК Куманово ако сака да дебитира во регионалното натпреварување, ќе треба да плати 25 илјади евра за специјална покана. Секоја од шесте држави од поранешна Југославија има право на два претставника, додека останатите четири места ќе се пополнат со клубови што ќе ја платат бараната сума.


