На вчерашниот состанок на Управниот одбор на Кошаркарската федерација на Македонија, меѓу другото, станало збор и за нова промена на името на оваа организација.
Поради промената на името на државата, од пред шест години, врвната кошаркарска организација во земјава се вика Кошаркарска федерација на Северна Македонија што наиде на голем револт кај љубителите на овој спорт. Тоа многу брзо ќе биде сменето, на нивно задоволство.
„Новото раководство, на чело со Претседателот на КФСМ, Томе Главчев, побараа размислување од членовите на Управниот Одбор за промена на називот на Федерацијата од Кошаркарска Федерација на Северна Македонија, во Македонска кошаркарска федерација, или Национална кошаркарска Федерација. Предлогот наиде на позитивни критики од страна на присутните членови кои едногласно се согласија да се отпочне процедура за менување на името во Македонска кошаркарска федерација“, објави КФМ.
Сегашното име на Федерацијата беше прифатено непосредно пред изборот на Перо Антиќ за нов претседател, во мај 2019 година.


