Интересот за кошарката кај потенцијалните спонзори во земјава е се помал од година во година и тоа мора да се смени на тој начин што тотално ќе се промени имиџот на Првата лига.
Новото раководство на Кошаркарската федерација е на став дека сликата за македонската кошарка што се испраќа низ Европа и светот мора да биде поубава, а такво нешто не може да се направи со играње во „школски“ сали кои едвај ги исполнуваат условите за игра. Поради тоа во новата сезона ќе се елиминираат таквите објекти и елитна кошарка ќе се игра само во репрезентативни зданија.
„Многу лош имиџ остава играњето во сали во кои не би требало да настапуваат ни младински екипи. Уште сме под негативни импресии од одлуката на Работнички во плејофот против Пелистер и ТФТ да игра во салата ‘Независна Македонија’ која е школска сала бидејќи на 15-кратен шампион на Македонија не му доликува такво нешто. Поради тоа, на мислење сме дека треба да се дисквалификуваат таквите објекти и натпреварите од Првата лига да не се играат во сали кои не се наменети за тоа. Прва на удар ќе биде токму таа во Кисела Вода и иако уште не сме донеле конечна одлука, ќе се обидеме да ја забраниме за новата сезона“, рече генералниот секретар на КФМ, Томче Стојчевски.
Во салата „Независна Македонија“, своите натпревари ги игра(ше) новиот прволигаш Ангели кој сега ќе мора да бара алтернатива. Но, Ангели не се единствен проблем затоа што во сала со идентичен формат настапуваат и Маџари („Наум Наумовски Борче“ во населбата Маџари) и Чаир („Шабан Трстена“ во Чаир).
Јасно е дека и другите сали каде се играат прволигашки натпревари не се „светска класа“, но барем имаат трибини, релативно широки и удобни соблекувални и во нив долго време се одржуваат спортски манифестации.


