Безмалку два месеца поминаа од доаѓањето на новите челници на Кошаркарската федерација, а според нивно сопствено признание, досега најмалку време поминале со решавање на кошаркарски проблеми.
Федерацијата, како што велат, е затечена во исклучително лоша финансиска состојба, со речиси празна сметка, но и со договори кои се направени на нејзина штета, а во моментов не можат да се раскинат. Во моментов е ангажирана ревизорска компанија која прави анализа на работењето на претходното раководство.
„Затекнавме исклучително неповолна ситуација во однос на финансиите, но и во однос на договорите кои се потпишувани на наша штета. На пример, однапред се направени договори за сместување на репрезентативците во сите категории, како и за гостите на Европското првенство ова лето, до крајот на 2026 година и ние сме немоќни тука нешто да направиме затоа што се предвидени пенали за евентуално раскинување. Направен е договор за 15 телефонски броја со еден телеоператор, месечно за тоа плаќаме по 500 евра, договорот е на две години, а телефоните и лаптопот никаде ги нема, оставени се само картичките од броевите. Јасно е дека се е направено само за да се добијат телефонските апарати и лаптопот.
Не би сакал никого да обвинувам додека ревизорската компанија не ја заврши анализата, но морам да кажам дека кога дојдовме, на сметката немаше пари ни за еден ручек, едвај околу 300 евра. Не е платен персонален данок, не биле исплаќани регреси на вработените, завршната сметка не беше одобрена… речиси ништо не е решено од финансиските проблеми. Посебна приказна се договорите со спонзорите кои повеќе се на штета на Федерацијата, отколку што носат нешто добро. Во овие 50-тина дена имавме неколку состаноци со потенцијални спонзори на кои јас и моите соработници буквално го ставивме својот образ како залог, за да се обидеме да ја подобриме сликата и да обезбедиме подобри денови за КФМ. Ќе го почекаме извештајот и потоа јавно ќе ги објавиме сите податоци“, рече претседателот на КФМ, Томица Главчев, додавајќи дека душмански се трошело, па има една сметка од скопски ресторан во висина од 4.700 евра.
Интересно е тоа што, како што откри генералниот секретар Томче Стојчевски, во Федерацијата не постоел систем и механизам за реверс, па невозможно е да се најде кој ги добил спомнатите телефонски апарати и лаптопот и да се вратат во сопственост на КФМ. Договорот со телеоператорот е направен непосредно пред крајот на мандатот на претходното раководство.
Кога станува збор за спонзорите, во иднина ќе се води голема сметка за тоа, ќе има генерален, златен, сребрен, платинест… спонзор, во зависност од тоа кој колку е подготвен финансиски да ја помогне Федерацијата.


