Поранешниот кадетски и јуниорски репрезентативец Борјан Георгиевски по долго време се враќа во македонската кошарка.
Синот на популарниот Буштур е нов тим-менаџер на сениорската репрезентација на Македонија што е уште една во низата позитивни промени во Кошаркарската федерација по доаѓањето на новото раководство.

„Благодарност до раководниот тим на федерацијата, и до селекторот Марјан Илиевски за укажаната доверба и внимание во желбите да се формира уште посилен стручен штаб во сениорскиот национален тим. Пред нас e период со доста предизвици, лето исполнето со доста обврски, особено оној сегмент кој со себе го носат натпреварите во претквалификациите за пласман на Светскиот Куп во 2027 година. Јасно е дека ни претстои сериозна работа, и се надевам дека во деновите кои следуваат ќе формираме тим за респект. Нема да биде лесно, но нашата работа, освен максимални услови за функционирање, ќе биде да им дадеме максимална поддршка на репрезентативците, се со цел да ја вратиме кошарката онаму каде што и е местото“, рече Георгиевски при преземањето на новата функција.
Во својата играчка кариера, тој настапуваше во екипите на МЗТ Скопје, Алумина и Николферт, но релативно рано замина во „пензија“ и долго време имаше свој бизнис. Неговата прва задача во националниот тим ќе бидат претквалификациите за Светското првенство кои ќе се одржат во август. Подготовките на репрезентацијата почнуваат во првата половина од јули.


