Идната недела треба да почнат подготовките на сениорската кошаркарска репрезентација на Македонија за претквалификациите за Светското првенство во 2027 година, а раководството на Федерација и новиот селектор Марјан Илиевски веќе испратија покани до клубовите и играчите на кои сметаат за оваа акција.
Она што е новост од овој репрезентативен циклус е тоа што Федераацијата ќе бара причина за евентуалното откажување на кошаркарите. Такво нешто најавија и Илиевски и претседателот Томица Главчев на неодамнешната средба со новинарите, а целта е точно да се знае зошто некој одбил повик за настап во националниот тим. Јасно е дека терминот на претквалификациите е многу незгоден, подготовките треба да почнат во првата половина од јули, а натпреварите се играат од 2 до 20 август по што почнуваат клупските обврски, а тоа значи дека за голем дел од кошаркарите ќе има многу краток период за одмор ова лето. Сепак, од КФМ се категорични дека јавноста треба да биде запозната зошто повиканите играчи, евентуално, одбиле да играат за репрезентацијата.
„Ве молиме, во рок од 24 часа по приемот на овој меил, да го потврдите присуството на собирот или да го образложите отсуството (повреда, доцнење или други причини) во писмена форма“, пишува, меѓу другото, во поканата од Кошаркарската федерација.
Со оглед на тоа што прозивката треба да се одржи идната недела, се очекува деновиве селекторот Марјан Илиевски да го објави поширокиот список на кошаркари на кои ќе смета во претквалификациите. Противници во групата ни се Унгарија и Романија, а пласман во квалификациите обезбедуваат двете првопласирани репрезентации од секоја група.


