Освен назначувањето на новиот тренер, Работнички го комплетира и остатокот од стручниот штаб, односно соработниците кои треба да му помагаат на Владимир Мирковски.
Негов прв асистент ќе биде Сашо Тодоровски Цефи, еден од најпознатите тренери во земјава и човек кој работи во кошарката безмалку четири децении. Тодоровски долго време беше дел од Работнички како член на стручниот штаб на Марин Докузовски, работеше и со Емил Рајковиќ во Фени Индустри, а потоа и како негов асистент во Астана и ЦСКА Москва што му е најзначаен момент во кариерата.

Меѓу другото, беше дел и од македонска кадетска репрезентација која во 1995 година го освои четвртото место на Европското првенство што тогаш се одржа во Португалија, а што до ден-денес е најголем успех на една наша младинска селекција.
Мирковски и Тодоровски веќе соработуваа на клупско ниво и тоа пред неколку години во Куманово.


