Еден од најголемите македонски таленти во моментов Андреј Шошкиќ денеска официјално замина за САД каде ќе ја продолжи својата кошаркарска кариера.
По четири сезони во првиот тим на Работнички, чија школа ја помина, 20-годишниот плејмејкер се сели на Универзитетот Стони Брук од Лонг Ајленд, Њујорк. Претстојната кампања ќе се натпреварува во НЦАА што ќе биде ново скалило во кариерата за него.
За жал, поради преселбата во САД, Шошкиќ летово нема да биде на располагање на младинската и сениорската репрезентација на Македонија. У20 селекцијата од идната недела ја очекува настап на Европското првенство Б-дивизија во Ерменија, а сениорите ќе учествуваат во претквалификациите за Светското првенство.


