Екипата на Маџари претстојната сезона ќе дебитира во елитната македонска кошаркарска дивизија, а на клупата на овој тим ќе биде еден од најперспективните домашни стручњаци Миодраг Тодоровиќ.
Поранешниот член на стручниот штаб на МЗТ Скопје, лани првпат доби шанса да биде шеф на стручен штаб, токму во Маџари и ја искористи можноста, освојувајќи ја титулата во второлигашката конкуренција со што го однесе Маџари во Првата лига. Наградата за тоа доаѓа сега со одлуката на раководството на Маџари да го задржи на клупата и за новата сезона.
Тодоровиќ беше активен играч до пред три години, а потоа одлучи да ја прекине кариерата и да влезе во тренерски води. Дојде во МЗТ скопје во февруари 2022 година кога за шеф на стручниот штаб беше назначен Александар Петровиќ, остана со Драган Николиќ, а потоа и со Васко Атанасов и имаше значаен придонес во успесите на МЗТ Скопје, односно двете тројни круни во низа и пласманот во АБА лигата.
Во меѓувреме, Тодоровиќ работеше како помошен тренер во неколку младински селекции на Македонија, меѓу кои и У20 која во 2023 година го освои сребрениот медал на Европското првенство Б-дивизија во Скопје и обезбеди пласман во елитната конкуренција.


