Новиот селектор на сениорската репрезентација на Македонија, Марјан Илиевски денеска го објави првиот список откако беше назначен за нов предводник на националниот тим.
Идниот месец репрезентацијата ја очекува настап во претквалификациите за Светското првенство во 2027 година и тоа ќе биде прва задача на новиот стручен штаб. Илиевски на својот список стави 26 кошаркари, а она што е интересно е дека 49-годишниот стручњак имаше храброст драстично да ја подмлади репрезентацијата, односно на него да стави играчи кои се дел од младинските селекции и досега не добиле повик во сениорскиот тим.
Таков е случајот со 18-годишниот Никола Јаничиќ, 19-годишните Стефан Стојковиќ и Марко Луканоски, 20-годишниот Рубин Стефанов кој веќе има настап во репрезентацијата, но и неколку од помладите повратници во тимот како Теодор Симиќ, Амар Хот, Лука Савичевиќ, Андреј Митревски, Марин Петков, Марко Миловановиќ итн. Во репрезентацијата требаше да биде и Андреј Шошкиќ кој фигурира и на списокот, но јасно е дека нема да му се стави на располагање на Илиевски бидејќи неодамна замина на студии во САД. Со оглед на тоа што од првичниот список треба да отпаднат 14 кошаркари, не е исклучено некои од помладите да не настапат на претстојните натпревари, но сепак и ова е прв чекор кон долгогочекуваното подмладување на националниот тим.
Од поискусните, тука се капитенот Војдан Стојановски, Стојан Ѓуроски, Андреј Магдевски, Адем Мекиќ, Кристијан Николов итн., Илиевски смета и на Ненад Димитријевиќ и Андреј Јакимовски, а нема натурализиран кошаркар.
Подготовките за претквалификациите почнуваат в понеделник (14 јули) од 18 часот, а натпреварите против Романија и Унгарија кои се во нашата група, се играат во периодот од 2 до 20 август.
ПОШИРОК СПИСОК НА КОШАРКАРИ
Војдан Стојановски – МЗТ Скопје
Марин Петков – МЗТ Скопје
Андреј Маслинко – МЗТ Скопје
Андреј Магдевски – МЗТ Скопје
Андреј Андоновски – МЗТ Скопје
Марко Миловановиќ – МЗТ Скопје
Стојан Ѓуроски – Работнички
Дамјан Робев – Работнички
Виктор Ефремовски – Работнички
Амар Хот – Работнички
Андреј Шошкиќ – Работнички
Валмир Какруки – Чаир
Адем Мекиќ – Бора (Косово)
Теодор Симиќ – Кожув
Страхил Николов – ТФТ
Лука Стојановски – Пелистер
Андреј Митревски – Феникс
Стефан Стојковиќ – Феникс
Лејсон Зеќири – Башкими (Косово)
Кристијан Николов – Чеди Осман (Турција)
Ненад Димитријевиќ – Олимпија Милано (Италија)
Никола Јаничиќ – Водно Санс
Марко Луканоски – Игокеа (БиХ)
Лука Савичевиќ – Лафајет Леопардс (САД)
Андреј Јакимовски – Тренто (Италија)
Рубин Стефанов – Унибаскет Ланчиано (Италија)
СЕЛЕКТОР: Марјан Илиевски


