Македонскиот репрезентативец Стојан Ѓуроски ќе остане во Работнички откако го продолжи договорот со клубот од Градски парк на уште две години.
Тој е член на „црвено-белите“ од 2023, а и во новата сезона како најискусен ќе го предводи тимот имајќи предвид дека во ноември ќе наполни 34 години. Ѓуроски е втор играч од актуелниот кадар кој ја продолжи верноста кон Работнички по капитенот Виктор Ефремовски, а во новата сезона екипата ќе има и нов тренер, во Владимир Мирковски.
„Не сакав да ја менувам средината, мислам дека правиме убава приказна во Работнички. Во новата сезона ќе влеземе и во реновираната сала во Градски парк и се надевам дека и навивачите ќе го препознаат тоа и ќе ни дадат поддршка“, изјави Ѓуроски за КОШ.МК.
Последната сезона, гостиварецот ја заврши со 28 одиграни натпревари во првенството и просек од 16,5 поени, 4,4 скока и 3,6 асистенции, со индекс 14,9. Тој нема да биде во репрезентацијата за претстојните претквалификации поради повреда на ногата.


