Во насока на обезбедување финансиска стабилност за следните предизвици, раководството на Кошаркарската федерација на Македонија денеска постигна спонзорски договор со една од најголемите домашни компании.
Станува збор за лидерот во банкарскиот сектор Комерцијална банка која треба да биде силна поддршка за македонската кошарка во следниот период. На официјалната средба помеѓу Хари Костов, Главен извршен директор и претседател на Управниот одбор на Комерцијална банка и Томе Главчев, претседател на КФМ, партнерството беше официјализирано со заедничка посветеност и ентузијазам.
„Поддршката на спортот е поддршка на вредности кои се темел на секое здраво општество – дисциплина, тимска работа, истрајност и почит. Горди сме што стануваме дел од кошаркарската приказна и веруваме дека заедно ќе инспирираме нови генерации да сонуваат и да победуваат. Веќе седум децении Комерцијална банка како општествено одговорна компанија континуирано вложува во развој на заедницата со цел заедно да постигнеме уште поголем напредок и успеси на кои сите ќе се радуваме“, изјави Костов во име на Комерцијална банка.
Претседателот на КФМ, Томица Главчев од своја страна изрази благодарност за поддршката.
„На мое големо задоволство, како и на целата Кошаркарска федерација, се потпиша договор за Генерално спонзорство помеѓу Македонската Кошаркарска Федерација и Комерцијална банка. За поздравување е настанот од повеќе аспекти, но морам да забележам дека по подолго време на челната спонзорска позиција застанува една македонска компанија. Би сакал да им се заблагодарам на првите луѓе од Комерцијална банка и на директорот Костов за поддршката и разбирањето кое го искажуваат со овој чин. Ние како Федерација ќе направиме сè што е во наша моќ да ја оправдаме довербата и, секако, во иднина да имаме основа за продолжување доколку има интерес“, истакна Главчев.
Комерцијална банка со ова се враќа во кошарката во која во минатото имаше кратки излети. Пред четврт век, оваа компанија беше дел од спонзорскиот тим на МЗТ Скопје кој тогаш влезе со големи амбиции и имаше еден од најсилните состави во земјава.


