Јуниорскиот репрезентативец на Македонија, Алексеј Нешовиќ пред крајот на летото ќе ја напушти земјава и ќе замине на американскиот континент каде ќе ја продолжи кариерата.
Во новата сезона тој ќе настапува за кошаркарскиот тим на средното училиште North Broward Preparatory School од Мајами каде воедно и ќе го продолжи своето школување. Со училиштето потпиша договор на една година, со можност за продолжување на уште една.
Нешовиќ во септември ќе наполни 17 години, висок е 204 сантиметри, а последните сезони настапуваше во младинските екипи на Работнички. Летово имаше понуда да потпише професионален договор со 15-кратниот шампион на Македонија и да игра за првиот тим, но тој сепак одлучи да замине во САД. Лани беше член на кадетската репрезентација на Македонија која настапи на Европското првенство Б-дивизија во Скопје, а во моментов е на поширокиот список на јуниорската селекција која се подготвува за Еуробаскетот во Белград.
Алексеј потекнува од кошаркарско семејство, неговиот татко Борис Нешовиќ имаше богата професионална кариера, играјќи за Работнички, МЗТ Скопје, Кочани, Куманово Поло Трејд, Балкан Стил и Карпош Соколи, а кошаркар беше и чичко му Ненад Нешовиќ кој ја помина школата на Работнички, играше за првиот тим на овој клуб и освои неколку титули во македонското првенство.


