Македонската сениорска кошаркарска репрезентација утринава замина во Гевгелија каде ќе ги продолжи подготовките пред претквалификациските натпревари за Светското првенство во 2027 година.
Првите три дена, националниот тим тренираше во Кале во Скопје, но поради зафатеност на салата, мораше да бара алтернативно решение. Изборот падна на Гевгелија каде ќе има идеални услови за работа бидејќи на располагање е салата на поранешниот прволигаш и финалист во Купот на Македонија, Блокотехна.
Откако се сместија, кошаркарите веќе го одработија и првиот тренинг на кој присуствуваа и двајцата „новајлии“ Тома Стојаноски и Виктор Ташовски кои дополнително беа повикани од селекторот Марјан Илиевски. Поради стомачни проблеми, во Скопје остана кошаркарот на МЗТ Скопје, Марин Петков за кого е неизвесно дали ќе се врати на подготовките на репрезентацијата.
Се очекува во Гевгелија да се приклучат Адем Мекиќ, Теодор Симиќ, Андреј Јакимовски и Џејкоб Вајли, како и членовите на младинските репрезентации откако ќе ги завршат своите обврски на европските првенства. Во Гевгелија ќе се одиграат и единствените два подготвителни меча во овој период, на 26 и 27 јули од 19 часот. Потоа репрезентацијата се враќа во Скопје и на 2-3 дена пред почетокот на циклусот ќе замине во Куманово каде ќе ги пречека Романија и Унгарија.


