Од денеска македонската репрезентација е побројна за еден член бидејќи на подготовките во Гевгелија се приклучи еден од оние со најдолг стаж во националниот тим Адем Мекиќ.
Поради приватни обврски, а во договор со селекторот Марјан Илиевски, тој не се појави на прозивката, а во Гевгелија дојде денеска и попладнево го одработи првиот тренинг. Неговото искуство ќе биде од големо значење за претежно младите кошаркари кои во моментов се на подготовки со сениорската репрезентација. Заедно со Мекиќ, Илиевски на располагање има 12 кошаркари, се очекува и Теодор Симиќ, в понеделник ќе се приклучи Никола Василевски, а од среда се очекуваат Андреј Јакимовски и Џејкоб Вајли, како и младинските репрезентативци кои се на Европското првенство Б-дивизија во Ерменија.
„Поради претходно договорените обврски не бев во ситуација да бидам со тимот од првиот ден. Но подготвен сум, знам што се очекува од нас. Прво да ја ‘поминеме’ оваа главна фаза од подготовките, потоа ќе размислуваме за противниците во претквалификациите. Ќе имаме и две контролни средби тука, против Швајцарија, кои ќе ни бидат еден од показателите до каде сме во пресрет на дуелите со Романија и со Унгарија“, изјави Мекиќ по доаѓањето.
Репрезентација е во Гевгелија од вчера и таму ќе остане до крајот на идната недела кога ќе ги одигра и подготвителните дуели со Швајцарија.


