Како минуваат деновите, така се зголемува бројот на кошаркари кои му се ставаат на располагање на селекторот Марјан Илиевски.
Пред два дена се приклучија Ташовски и Стојаноски, вчера пристигна Мекиќ, а од денеска на подготовките е и кошаркарот на Кожув, Теодор Симиќ. Тој е 13. кошаркар на тренинзите во Гевгелија, в понеделник треба да се приклучи Никола Василевски, нешто подоцна Андреј Јакимовски и Џејкоб Вајли, како и младинските репрезентативци.
„Пред нас е оној најважен дел до подготовките во кој треба максимален ангажман од сите. Репрезентацијата изгледа ‘помлада’, што значи дека нашите обврски кон националниот тим се уште поголеми. Доста добро се познаваме, што треба да ни ја олесни задачата во оној тактички дел од подготовките. Останува добро да се подготвиме во деновите кои се пред нас и да се обидеме да дојдеме до што е поголем број на победи во претквалификациите. Овде ќе имаме и две ‘контроли’, на кои ќе видиме што и како треба до оние мечеви со Романија и со Унгарија’, рече Симиќ по пристигнувањето во Гевгелија каде ги помина последните месеци од сезоната.
Репрезентацијата се наоѓа во Гевгелија од четвртокот и таму ќе остане до крајот на идната недела кога ќе се сретне со Швајцарија во пријателски дуели.


