Американскиот кошаркар со македонски пасош Џејкоб Вајли денеска ѝ се приклучи на репрезентацијата, на девет дена пред почетокот на претквалификациите за Светското првенство.
Ова ќе биде негов прв настап во националниот тим на Македонија по пауза од три години откако последен пат учествуваше во квалификациите за Светското првенство, во 2022 година.
„Искрено сум пресреќен што дојдов овде по неколку години пауза. Мотивацијата е на највисоко ниво, штом стапив во контакт со луѓето од федерацијата без многу размислување прифатив. Среќен сум што со мене дојде и моето семејство, кое ‘во живо’ ќе ги следи моите настапи за македонската репрезентација. Едвај чекам повторно да го облечам дресот на Македонија. Знам дека репрезентацијата е подмладена и сметам дека тоа е природна работа. Да, добро е што младите кошаркари ќе добијат можност да блеснат на сениорско ниво. Допрва ќе тренираме и ќе се воигруваме, свесен сум дека во овој процес на подмладување мојата улога како лидер ќе биде уште позначајна, но подготвен сум за тоа. Ќе дадам се за да помогнам, да внесам позитивна енергија на тренинзите и на натпреварите, да помогнам со своето искуство и да дадам придонес да стигнеме до што подобри резултати“, рече Вајли по пристигнувањето во Гевгелија.
Се очекува својот прв тренинг со екипата тој да го одржи утре изутрина, а стручниот штаб дополнително ќе одлучи да ќе биде во комбинација за настап на дуелите против Швајцарија.


