По 10 дена подготовки во Скопје и Гевгелија, македонската кошаркарска репрезентација денеска и утре ќе ги одигра единствените подготвителни дуели во пресрет на претквалификациите за Светското првенство.
Противник ќе биде Швајцарија која исто така ќе учествува во претквалификациите, а натпреварите ќе се одиграат во салата на Блокотехна во Негорци. Селекторот Марјан Илиевски ќе има можност да види во каква фаза се неговите кошаркари и што е потребно да се промени во последната недела од подготовките.
Швајцарија ни е познат противник бидејќи во последните седум години, четири пати игравме со оваа селекција. Меѓу другото и во претквалификациите за претходното Светско првенство, на турнирот во Скопје каде остваривме по една победа и пораз, но на крајот се пласиравме во квалификациите за Мундијалот.
Што се однесува до македонската репрезентација, од вчера е комплетна, ако така може да се каже, со доаѓањето на натурализираниот Џејкоб Вајли. Својот настап го откажаа неколку кошаркари и селекцијата е драстично подмладена, но оние кои се во конкуренција се поранешни младински репрезентативци, а дел од нив во минатото веќе забележале учество во сениорскиот тим. Секако дека е потребно време за воигрување поради што исходот од дуелите со Швајцарија нема да биде во прв план.
Натпреварите ќе се играат во идентичен термин, од 19 часот. Претквалификациите почнуваат на 2 август кога во Куманово ќе ја пречекаме Романија.


