Селекторот Марјан Илиевски синоќа им даде шанса на сите 17 кошаркари кои ги има на располагање во моментов, а се истакнаа неколку имиња кои оставија одличен впечаток.
На прво место Џејкоб Вајли, Андреј Митревски и искусните Мекиќ и Магдевски како лидери на тимот, но позитивни оценки доби и довчерашниот играч на Чаир, сега на Приштина, Ваљмир Какруки. Робусниот кошаркар буквално „изгина“ на теренот, се бореше и фрлаше за секоја топка, елементи кои го красат низ текот на целата негова кариера. Да биде уште поинтересно, тој го одигра натпреварот со две повреди.
„Подолго време ме мачат препоните, а од неодамна имам повреда и на прстот. Но, тоа не е важно, секогаш кога играм, давам се од себе и така ќе остане“, рече Какруки по натпреварот.
Со оглед на неговите атлетски способности, тој треба да биде исклучително важен дел од тимот, особено кога станува збор за борбата под кошевите.


