Претходните два дена македонската кошаркарска репрезентација одигра два пријателски натпревари со Швајцарија, два пати победи и ја крена атмосферата во пресрет на претквалификациите за Светското првенство.
Селекторот Марјан Илиевски може да биде задоволен од пристапот на кошаркарите, но и од резултатите бидејќи сите во стручниот штаб на националниот тим се едногласни дека Швајцарија е сериозна селекција иако во Гевгелија дојде ослабена. Македонската репрезентација е во процес на подмладување, од стандардните во националниот тим беа само Мекиќ и Магдевски, плус Вајли, но и покрај тоа одигра два добри меча.
„Јас секогаш ќе се согласам и ќе кажам дека без разлика колку поени сме дале, треба што помалку да примиме. Тоа што ме радува е енергијата и хемијата кои функционираат беспрекорно во репрезентацијата. Во однос на загубените топки бевме подобри од првиот меч. Нè краси транзиција и тоа што секој играч го дава максимумот. Имаме уште една недела да работиме пред Романија, задоволен сум од досега сработеното, но имаме уште многу за работа.
Дел од играчите се жалеа на болка и затоа не беа во конкуренција. Забелешката која ја имаат некои се кошевите кои се постигнати помалку, а имавме кошаркари кои се на 20-годишна возраст кои треба да ги поддржиме. Нормално е да има пад на играта кога ќе бидат на теренот. На двата меча почнавме со различни петорки, но веќе имаме визија кој и колку може. Меѓутоа, многу кратко сме заедно за да фаворизирам некои пет играчи.
Романија сè уште не сме ја анализирале, зашто не знаеме кој е нивниот странски играч, иако веќе знаеме кој е носител на нивната игра, па тоа ќе го видиме во следните денови“, изјави Илиевски.
Репрезентацијата синоќа се врати во Скопје, кошаркарите денеска имаат слободен ден, утре и задутре ќе тренира во Скопје, а в среда се сели во Куманово каде в сабота ќе ја пречека Романија.


