Вицешампионот на Македонија, ТФТ го донесе и третото засилување во пресрет на новата сезона и повторно странец.
Станува збор за американскиот кошаркар Реј Сомервил за кого претстојната сезона ќе биде прва во европската кошарка. Има 25 години, а претходната кампања ја поминал на Универзитетот Делавер со кого настапувал во НЦАА.
Иако нема блескава статистика, во ТФТ веруваат во Сомервил поради неговите извонредни физички карактеристики, моќниот скок и атрактивност. Американецот треба да биде еден од адутите на тимот од Тафталиџе како во домашното првенство, така и во АБА 2 лигата каде доби исклучително тешки ривали.
Пред Сомервил, ТФТ се засили уште со Стенли Дејвис и Џастон Гордон кои ќе бидат во составот на Боро Смилковски претстојната сезона.


