Двата меча против Швајцарија одиграни претходните два дена донесоа многу куриозитети во сениорската македонска репрезентација.
Познато е дека селекторот Марјан Илиевски направи подмладување на селекцијата, делумно предизвикано од отказите на поискусните кошаркари, па на еден од дуелите во Гевгелија неколку минути на паркетот беа група голобради момчиња од кои највозрасниот имаше 23 години. Конкретно, Стефан Стојковиќ (19 години), Теодор Симиќ (21), Тома Стојаноски (22) и Лука Савичевиќ и Виктор Ташовски (по 23, со тоа што кошаркарот на ТФТ е три месеци повозрасен).
Просечната возраст на овие петмина кошаркари изнесуваше 21,6 години што не се случило досега во историјата на македонската репрезентација, без разлика дали се работи за официјален или пријателски натпревар.


