Ако мислиш на животот, а не само на теренот, да, можеш да бидеш и кошаркар и студент.
Секој млад кошаркар сонува за полни сали, странски, милионски договори и слава. Но реалноста често е поинаква: една повреда, еден тренер што не те гледа, една пандемија… и сè што си го градел со години – исчезнува.
Кога ќе престанеш да ја тапкаш топката – кој ќе зборува наместо тебе? Кога ќе се изгаснат светлата во салата – кој ќе ти го осветли патот понатаму?
ПОВРЕДАТА НЕ ЧЕКА ДИПЛОМА
Во Македонија, многу млади кошаркари не се формално пријавени од клубовите. Немаат соодветни договори, немаат здравствено и пензиско осигурување. Живеат од натпревар до натпревар – без никаква сигурност.
Статистиките покажуваат: најмногу сериозни повреди кај кошаркари и кошаркарки се случуваат меѓу 17 и 24 години – токму кога кариерата треба да почне.
Замисли: Играч од М18. Талентиран, брз, перспективен. Тешка повреда на менискусот. Клубот прекинува соработка. Неговите пријатели продолжуваат – а тој? Без договор. Без диплома. Без насока. А имаше сон. Ако имаше школо – ќе имаше повеќе шанси.
КАРИЕРАТА ТРАЕ КРАТКО – ЗНАЕЊЕТО ТРАЕ ЗАСЕКОГАШ
Просечна кариера на професионален кошаркар: 9–11 сезони. Пензионирање најчесто до 32–34 години.
Тоа значи дека на 33 години треба да имаш:
1. Професија,
2. Приход,
3. План Б.
Ако немаш диплома – иднината е нејасна. Ако немаш струка – нема стабилност. А кошарката не простува неподготвеност.
НАДЕЖ КАКО ЗАМКА
Многу млади играчи веруваат дека ќе бидат следните Јокиќ, Дончиќ… и ќе заработат богатство. Но реалноста е сурова:
Според NCAA, од 1000 млади кошаркари, само 11 стигнуваат до НБА. Тоа е реална шанса од 1 во 1000.
А ШТО СО ОСТАНАТИТЕ 999?
Да, само 1 ќе стигне до НБА. Но што е со останатите?
Податоци од NCAA и меѓународни анализи покажуваат:
Од 1000 средношколци, околу 35 ќе играат во колеџ системот (NCAA).
Од нив, само 1–2 ќе имаат реална шанса да стигнат до НБА.
Но околу 5–7 од 1000 ќе станат платени професионални кошаркари воопшто – надвор од НБА: во Европа, Азија, G-League, Австралија, втора или трета лига во различни земји.
Тоа значи дека само 0.5% до 0.7% од сите млади кошаркари навистина ќе играат на некое професионално ниво, најчесто со скромна плата, без долгорочна сигурност и со просек од неколку сезони.
Дури и кога ќе „успееш“, тоа не значи дека ќе заработиш богатство – значи дека ќе преживуваш од месец за месец, сезонa по сезона.
УМЕН ИГРАЧ НЕ Е САМО ТОЈ ШТО Е ФИЗИЧКИ СПРЕМЕН
Кошарката е игра на умот исто колку и на телото. Играч кој чита, учи и се развива – игра со глава, не само со срце. Тој подобро ја чита играта, предвидува движења и решава ситуации со смиреност и стратегија. Тој на тоа КАКО се изведуваат некои движења, знае и ЗАШТО се изведуваат истите.
Образованието гради:
– Тактичко разбирање,
– Самодисциплина,
– Критичко размислување,
– Подобра комуникација,
– Самодоверба,
– Способност за адаптација.
Како што рече легендарниот тренер Џон Вуден: „Најважно е она што ќе го научиш откако ќе помислиш дека веќе сè знаеш.“
ИГРАЧ ШТО УЧИ НЕ Е ИГРАЧ ШТО ЗАВИСИ
1. Играч што учи – гради карактер и има избор.
2. Играч што само игра – зависи од договор, тренер и форма.
3. Образован играч – има контрола.
4. Необразован играч – има страв од утре.
ПРИМЕРИ ШТО ИНСПИРИРААТ
Актуелни NBA играчи со факултетска диплома:
Damian Lillard – Weber State – Општествени науки,
CJ McCollum – Lehigh – Новинарство,
Malcolm Brogdon – Virginia – Јавна политика (магистратура).
НБА легенди со високо образование:
David Robinson – Naval Academy – Математика / Инженерство,
Tim Duncan – Wake Forest – Психологија,
Shaquille O’Neal – LSU / Barry University – Докторат по лидерство,
Актуелни WNBA ѕвезди:
Breanna Stewart – UConn – Комуникации и социјални науки,
A’ja Wilson – South Carolina – Комуникации и медиуми,
Sabrina Ionescu – Oregon – Социјални науки.
Легенди на WNBA:
Tamika Catchings – Tennessee – Спортски менаџмент,
Maya Moore – UConn – Комуникации,
Sue Bird – UConn – Социологија.
СВЕТОЛ ПРИМЕР ОД РЕГИОНОВ – КОГА СЕ САКА СЕ МОЖЕ
Освои европска титула – највредната во клупската кошарка – Евролигата со Барселона во 2010 година. Беше првак со Панатинаикос во Грција, со Барселона во Шпанија, настапи на шест Евробаскети и два Светски Купа со Словенија. Како играч беше симбол на дисциплина, интелигенција и прецизност.
Како тренер – ја предводеше Гран Канарија до титула во EuroCup, второто најсилно европско натпреварување, и беше вклучен во стучниот штаб на една од најуспешните европски репрезентации.
Знаете ли за кого станува збор?
За човекот кој покрај сето ова – успеа да дипломира на Факултетот за спорт во Љубљана, каде во 2020 година ја одбрани својата дипломска работа на тема за развој на млади кошаркари во Барселона.
Тој е Јака Лаковиќ – жив доказ дека можеш да бидеш врвен играч, успешен тренер и образован човек во исто време.
Неговата приказна ги руши сите изговори:
„Немав време да учам“,
„Само спортот ми е важен“,
„Ќе го завршам некогаш…“
Не, вистинските шампиони не одложуваат – тие градат паралелно. И со мозокот и со срцето. И на теренот – и во училницата.
На овие простори, каде важи парадигмата „или спорт, или школо“, тој е доказ дека може и двете – и тоа на врвно ниво.
ТЕЛОТО СЕ ТРОШИ – НО МОЗОКОТ МОРА ДА СЕ НАДГРАДУВА
- Stephen Curry – по НБА титулите се врати и дипломираше на комуникации.
- Tony Parker – стекна диплома по бизнис и основа свој универзитет во Франција.
А ШТО ПРАВИМЕ НИЕ?
Во Македонија:
– Играчите често немаат соодветен договор,
– Без редовна плата или осигурување,
– Без обврска за школување,
– Без план по спортот.
А нема кариера што трае вечно. Но има знаење што никој не може да ти го одземе.
ШТО МОЖЕ (И МОРА) ДА СЕ НАПРАВИ:
1. Федерацијата да услови лиценцирање на млади играчи со задолжително школување,
2. Клубовите да пријавуваат соодветни договори и осигурување,
3. Родителите да следат и училишен успех, не само статистика,
4. Играчите да инвестираат во себе – и надвор од теренот.
АПЕЛ ДО РОДИТЕЛИТЕ
Помогнете им на децата да не бидат само кошаркари или кошаркарки – туку и иднина.
Нивната диплома нема да тежи на вагата – ама ќе тежи во животот.
Бројот на нивните поени ќе избледи – знаењето нема.
Школата не е противник – туку соиграч.
ЗАВРШНА ПОРАКА
Драги млади кошаркари и кошаркарки,
да се школувате не значи да се откажете од кошарката.
Тоа значи да бидете паметни, одговорни и подготвени за сè што доаѓа после неа.
Бидете играчи што ќе бидат и капитени на теренот – и лидери во животот.
Кошарката ќе заврши.
Но животот не.
Подгответе се.
АВТОР: Александар Милојевиќ
Наставник и Комесар за натпреварување при Кошаркарската федерација на Македонија


