По еден слободен ден, македонската сениорска репрезентација вчера ги продолжи подготовките во пресрет на претквалификациите за Светското првенство.
До првиот меч од циклусот остануваат уште четири дена, тимот уште денеска ќе тренира во Скопје, а утре се сели во Куманово каде в сабота ќе ја пречека Романија. По периодот поминат во Гевгелија и двата пријателски меча со Швајцарија, атмосферата е уште подобра и евидентен е зголемениот оптимизам кај кошаркарите за што зборува Андреј Митревски.
„Подготовките течат одлично, победите над Швајцарија ни дадоа дополнителна сигурност. Бевме во Гевгелија од 17 јули, и навистина работиме интензивно, и физички и тактички. Атмосферата во тимот е супер, сите сме фокусирани на заедничката цел – да се подготвиме максимално за претквалификациите за Светското првенство. Одигравме два пријателски натпревари со Швајцарија и двата натпревари ги победивме, што ни даде голема самодоверба, но и добра слика каде сме моментално.
Секој дава максимум, без разлика дали се игра или се тренира. Ни преостана нешто помалку од една недела за да се спремиме и да дадеме максимум на натпреварите што следат против селекциите на Романија и Унгарија. Во сабота нè очекува првата средба против репрезентацијата на Романија во Куманово каде очекуваме да имаме голема подршка од трибините. Како подмладена репрезентација, знаеме колкава е одговорноста, па затоа сме максимално ангажирани за постигнување на добар резултат“, вели кошаркарот на Феникс.
За разлика од македонската репрезентација која претходниот викенд оствари две победи, првиот противник во претквалификациите Романија доживеа два пораза на гостувањето во Бугарија.


