Младиот македонски стручњак Дамјан Саздов минатата недела учествуваше на тренерската клиника во организација на ФИБА што се одржа во главниот град на Грузија, Тбилиси.
Овие семинири најчесто се организираат во градови домаќини на младински европски првенства, а сега во Тбилиси се одржа кадетскиот Еуробаскет. Клиниката на FЕCC (FIBA Europe Coach Certificate) веќе три години е составен дел од сите Европски првенства, овозможувајки на учесниците директен пристап до современи методи на работа, предавања од реномирани експерти и практична примена на најновите трендови во кошарката. Саздов имаше можност во живо да проследи предавања од врвни тренерски имиња како Јанез Дрвариќ, Ерден Кан, Ненад Труниќ, Израел Гонзалес, Лука Милановиќ…
„Големо е задоволството што присуствував на ваков тренерски настан, ретка е можност да се биде во друштво на вакви стручњаци кои со задоволство го пренесуваат своето знаење на младите генерации. Имав средби и со свои колеги од други држави и тие секако ќе ми бидат од голема корист во иднина“, изјави Саздов кој беше единствен Македонец на оваа тренерска клиника.
Саздов има 29 години и е помошен тренер во првиот тим на Феникс, а паралелно работи и со младинските категории во клубот. Иако релативно млад, веќе има низа трофеи освоени во повеќе конкуренции.


