Македонската сениорска репрезентација вечерва од 19 часот во Кале го игра последниот натпревар од претквалификациите за Светското првенство во 2025 година.
Нашиот национален тим го затвора циклусот против Унгарија од која пред десетина дена доживеавме убедлив пораз во Солнок, а денешниот меч нема никакво резултатско значење за двете селекции. Без притисок, тоа ќе биде шанса за подмладената македонска репрезентација да покаже добра игра и, евентуално, да ја оствари првата победа во овие претквалификации.
„Мечот кој ни е последен, овој со Унгарија, резултатски не значи многу, ниту на нас, ниту на нив, Но ние од самиот почеток кажавме дека секој дуел кој ќе го имаме, па дури и оној на тренинг, меѓу двете петорки, ќе биде од големо значење за сите. Затоа, на секој натпревар гледаме да го извадиме нашиот максимум, па дај Боже и да победиме. На хартија сме помалку квалитетна репрезентација од Унгарија, во однос на искуство и на заеднички години, но ќе се бориме“, рече селекторот Илиевски во пресрет на натпреварот.
Без разлика на исходот денеска, Македонија, најверојатно од ноември, ја очекува настап во првата фаза од претквалификациите за Европското првенство во 2029 година. Сепак, добро е процесот да почне со победа која ќе им даде дополнителна мотивација и на младите кошаркари и на новиот селектор.


