Младинската и сениорска репрезентативка на Македонија, Ања Начевска во следните две сезони ќе биде член на српскиот прволигаш Мега од Белград.
Денеска таа стави потпис на договорот со кој повторно ќе биде интернационалка откако во февруари минатата година се пресели во Шпанија и настапуваше за Унибаскет од Логроњо. Начевска, која има 18 години, подолго време важи за најталентирана македонска кошаркарка и голема надеж на женската кошарка во земјава.
Во сениорската репрезентација на Македонија настапи со само 15 години, а оттогаш досега доминираше во младинските лиги во земјава каде не само што ги освои сите трофеи, туку и беше МВП на завршниците од секоја категорија. Трансферот од Вардар во една од најкошаркарските земји во светот за Начевска треба да биде голем чекор напред во кариерата.


