Откако вчера го продолжи договорот со тренерот Васко Атанасов и неговиот досегашен стручен штаб, денеска МЗТ Скопје претстави три американски засилувања кои во новата сезона ќе бидат дел од актуелниот шампион.
Улогата на ниско крило ќе му биде препуштена на Грегори Џонсон (25 год, 196 см), кој до предминатата сезона настапуваше за Истерн Њу Мексико универзитетот, додека во минатиот шампионат беше дел од австрискиот прволигаш Грац. На позицијата „два“ ќе настапува неговиот сонародник, Илајџа Мекејден (25 год, 192 см), зад кого се две европски сезони. По завршување на универзитетската кариера во дресот на Мемфис тајгерс, тој се преселил во Португалија каде што прво играл за Портимоненсе, а потоа и за Бареиро. Вториот дел од минатата сезона, пак, го мина во полскиот првенство настапувајќи за ПГЕ Старгард.

Американската тројка ја комплетира Чарлс Гил (30 год, 203 см), кој игра на позициите 4 и 5 и е убедливо најискусен од сите новајлии во тимот на МЗТ. По четирите години во НЦАА, тој минал три сезони во Г-лигата, која е развојно натпреварување на НБА. Потоа, меѓу другото играл на Косово, а минатата сезона бил кошаркар на кипарскиот прволигаш Лимасол.
МЗТ Скопје во новата сезона ќе се потпре, главно, на домашните играчи кои го носеа дресот на тимот и минатата кампања.


