Поранешниот вицешампион на Македонија, Пелистер го избра новиот шеф на стручниот штаб кој ќе ја води екипата во новата сезона.
Изборот падна на професорот по Кошарка на Факултетот за физичко образование, спорт и здравје во Скопје, Борче Даскаловски кој е дел од стручниот штаб на македонската репрезентација. Даскаловски со ова се враќа во тимот на Пелистер по пауза од 18 години, но сега во друга улога – како тренер, за разлика од сезоната 2006/07 кога беше играч на битолскиот клуб.
Ова е негов прв професионален ангажман по две години откако го водеше Кожув пред крајот на 2023 година, како наследник на Александар Јончевски. Претходно беше тренер на МЗТ Скопје УБ, му беше асистент на Емил Рајковиќ во Астана, а кариерата ја почна во Карпош Соколи каде прво беше асистент, а потоа и прв тренер. Пред три години, Даскаловски работеше и како спортски директор во МЗТ Скопје.
Пелистер претстојната сезона го очекува деби во натпреварувањата на ФИБА и тоа во квалификациите за Лигата на шампионите каде за прв противник ја има Реџана од Италија. Даскаловски ќе се обиде да ја врати екипата во врвот на македонската кошарка откако три сезони по ред, од 2022 до 2024 година, битолчани беа вицешампиони.
Екипата веќе го доби првото засилување за новата сезона, во искусниот српски интернационалец Никола Малешевиќ.


