Актуелниот вицешампион на Македонија, ТФТ следните три дена ќе престојува во Солун каде ќе почне со одигрување пријателски натпревари во пресрет на новата сезона.
Тимот од Тафталиџе попладнево од 18 часот ќе се сретне со десеткратниот поранешен шампион на Грција, Арис во арената „Никос Галис“ и со овој меч ја почнува серијата од најмалку седум натпревари во текот на септември. Арис одамна е далеку од своите најславни денови, последната титула ја освои во 1991 година, но секако е гигант за македонски услови и за ТФТ ќе биде одличен тест. Вицешампионот по мечот ќе остане во Солун и в петок ќе се сретне со уште еден тим од овој град – ПАОК.
По враќањето од Грција, ТФТ оди на меѓународен турнир во Бугарија, од 13 до 15 септември на кој ќе учествува заедно со МЗТ Скопје, Балкан и домаќинот Рилски спортист. На 18 септември во Скопје ќе гостува косовскиот прволигаш Пеја, а на 20 и 21 септември во Кале ТФТ ќе го организира турнирот Андреј Грковски“ на кој ќе учествуваат уште МЗТ Скопје, Тиквеш и Кожув.
Во зависност од потребите, можно е да биде организиран уште некој пријателски меч со домашен противник. Македонското кошаркарско првенство е планирано да стартува кон крајот на септември, а првиот меч во АБА 2, ТФТ го игра на 14 октомври против Цибона во Загреб.


