Македонскиот репрезентативец Андреј Митревски е второ засилување за поранешниот вицешампион Пелистер ова лето откако денеска потпиша договор со битолскиот клуб.
Во Пелистер се сели од матичниот Феникс, а тоа ќе биде негов трет прволигашки клуб во кариерата бидејќи пред четири години настапуваше како позајмен играч во ТФТ. Митревски беше во долги преговори со некои екипи од НЦАА лигата, се спомнуваше Вичита, но на крајот одлучи да остане во татковината и претстојната сезона да собира искуство.
Во Феникс беше лидер и капитен на екипата, истата улога ја имаше и пред две години во У20 репрезентација на Македонија која го освои второто место и сребрениот медал на Европското првенство Б-дивизија во Скопје, а се очекува во иднина, ако го заобиколат повредите, да биде лидер и на сениорската селекција на Македонија. Летово беше еден од најдобрите во претквалификациите за Светското првенство, а со оглед на тоа што има само 22 години, јасно е дека времето работи за него.
Пред Митревски, Пелистер се засили со српскиот интернационалец Никола Малешевиќ, а има и нов тренер во Борче Даскаловски.


