На Денот на независноста на Македонија, сениорската кошаркарска репрезентација на Македонија ќе дознае против кого ќе игра во првата претквалификациска фаза за пласман на Европското првенство во 2029 година.
На ждрепката што ќе се одржи во Рига, нашиот национален тим ќе биде сместен во првиот шешир заедно со Бугарија и Словачка што би требало да донесе релативно лесни противници. Во оваа фаза од претквалификациите ќе учествуваат десет репрезентации што ќе бидат поделени во три групи од кои две со по три, а една со четири екипи. Таа што ќе биде со четири, во својот состав ќе го има Азербејџан кој е единствен во четвртиот шешир.
Пласман во втората претквалификациска фаза ќе обезбедат само првопласираните репрезентации од секоја група. Натпреварите од овој дел се на програмата од 24 номеври до 2 декември 2025 година, потоа 23 февруари до 3 март, 2026 година, и од 29 јуни до 7. јули во 2026 година.
СОСТАВ НА ШЕШИРИТЕ:
- Македонија, Бугарија, Словачка
- Косово, Норвешка, Ирска
- Луксембург, Ерменија, Албанија
- Азербејџан


